Каде со еден збор

Премини на приказната

„…Оваа секако е многу полезна конференција затоа што од 70 испитаници од меѓународното тестирање, Македонија е на 67-мото место во образование. Зошто е тоа така, јас не знам и не сум стручен да коментирам. Денеска единствено раскажував во какво образование израснав, односно некаде 90тите години кога се беше измешано, кога државата уште не беше воспоставена. Денеска сум тука да ги водам говорниците низ целиот настан, но сепак да има мало ослободување од оние вратоврски, да бидат луѓето послободни за прашања и дебатирање. На конференцијата имаме доста светски познати луѓе од образованието и мислам дека од овој настан сите ќе имаме полза и ќе извлечеме поуки. Исто така денеска дискутираме за тоа кој е рецептот за подобро образование. Јас и на сцената кажав, рецепт – нема. Не е тоа торта ќе правиме, па да земеш 10 јајца, кило брашно и ореви, па дури и тоа да го имаш пак нема да ја направиш тортата 100% убава или пак таа нема да им се допадне на сите. Би им препорачал на оние што директно влијаат во осмислување на политиките, да влезат во чевлите на детето и да видат како тоа размислува. Секако не треба ниту да се потцени ниту да се прецени тоа детско размислување. Кога ќе ми споменат образование/училиште прво ми текнува на школската клупа – темно зелена, ишкртана, изгребана и на мирисот на сунѓер – недоиспран, чиј мирис не можеш да го заборавиш. Ништо не би сменил ако би можел да се вратам еден ден во моето средно училиште, затоа што тоа поминало. Човек прави тоа што мисли дека е најдобро во тој момент, тогаш тоа што сум го направил било најдобро. Тој предмет што сум го учел, сум мислел дека е најважен. После некое време можеби различно размислуваш, но веќе тоа поминало. Исто како улога на филм. Кога ќе се видам си викам како сум можел вака ова да го одглумам, но едноставно во тој момент така сум размислувал…“ 

-Животот во Скопје? 
…„ Паа животот во Скопје зависи од тоа кој што бара. На пример јас го имам надминато ноќниот живот, повеќе ми значи сега да бидам на некое тивко место со најблиските. Кога зборуваме за она што го работам – театарот, мислам дека имаме одличен репертоар и многу публика. Прашањето околу екологијата, ние и Скопје сме катастрофа. Значи ниеден досегашен премиер или претседател не фрлил ѓубре на улица. Ова ѓубре што ние го гледаме ние самите го фрламе. Не знам до кога така ќе размислуваме и ќе ја имаме таа (не)свест. Јас кога се возам со такси и кога ќе видам како ја фрла мастиката или цигарата од прозор му велам застани, не ти плаќам и си одам, не сакам со тебе да се возам. Друг пример, пред некој ден ќе ме тепаа едни двајца. Јас единствено приговор дадов зашто се паркирале на место за инвалиди а тие ми се нафрлија. Ако сите заедно реагираме за овие прашања, ќе се смени нешто затоа што сите ние заедно го креираме општеството. Омилено место во Скопје е мојот театар дефинитивно. Да се опишам со еден збор?! Хахаха.. Каде со еден збор? Јас сум многу комплициран човек.