Романтичар меѓу липите

Премини на приказната

„…Јас во Скопје се чувствувам како стара скопјанка затоа што моето семејство и моите предци се долго во Скопје. Речиси и да не памтам роднини од околината. Искрено сум малку носталгична по она „старо“ Скопје од 20тите, 30тите години, што ни го опишуваат. Познавав многу постари луѓе од тоа време што ми имаат раскажувано прекрасни приказни за нивните времиња и честопати се замислувам како им било на корзото, шетањето по пајтонот, тие гимназии или офицерски домови и слични знаменитости. Јас, како личност, тежнеам кон сè што е креативно, напредно, продуктивно, а промената пак го подразбира тоа. Во тој поглед, не смееме да бидеме инертни кон промените, туку спротивно треба да одиме кон подобро. Јас сум целосно мотивирана за таа промена, за промена на Скопје во подобар град. Ние, јас и моите колеги,  работиме за овој наш град да ни биде поубав. Некако, кога сте тука, чувствувате некоја одговорност, дури и со најмал придонес, да направите нешто, да поттикнете некого поинаку да го гледа овој град, поинаку да се однесува кон него, да ги цени оние работи во кои е вложен труд. За Скопје имам многу идеи и сугестии, а се надевам дека допрва ќе го видат светлото на денот. Меѓутоа, тие треба да поминат одредена процедура. Претежно се однесуваат за лицата со попреченост, бидејќи јас сум една од нив и ги познавам проблемите со кои се соочуваме во градот. Исто така, би рекла дека на Скопје му треба и технолошки развој а можеби дури и некои декоративни елементи кои можат да се вклучат во него. Главно, ме предизвикува секаков вид на напредок и секако секоја шанса е добредојдена.  
Ајде да си го сакаме ова наше гратче затоа што и без разлика на тоа што ние го гушиме, едноставно има и нуди некои скриени катчиња, кои имаат скриени приказни и љубови. Јас кога ќе поминам по улиците на Скопје, тоа ми дошепнува и пулсира низ мене, за и понатаму да ги раскажувам и опевам своите песни и приказни во моите книги…“